Започнува првата фаза од изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Гевгелија. Министерството за животна средина и просторно планирање склучи договор со скопски „Гранит“ за подготовка на проектна документација во вид на основен проект за овој објект и за изведба на пристапен пат и мост преку реката Коњска во функција на реализација на пречистителната станица. Вредноста на првата фаза изнесува 21.986.866 денари или околу 355 илјади евра, а зацртаните проектни и изведбени активности треба да се извршат во период од 24 месеци. Со овој зафат е предвидено да се подобри квалитетот на водата на реката Вардар и да се надминат постоечките проблеми со заштитата на животната средина.
Вкупната финансиска вредност на пречистителната станица за отпадни води во Гевгелија е проценета на 9,6 милиони евра, од кои 6,8 милиони евра се донација од швајцарската влада, 1,84 милиони евра се донација од владата на Грција, додека останатиот дел од средствата се обезбедени од државниот буџет на земјава. Договорот за остварување на овој проект беше потпишан во октомври 2010 година, а првичните планови беа истиот да се комплетира до 2014 година.