Ќе добие ли Градскиот трговски центар промена на фасадата во стилот на „Скопје 2014“? Архитектите и целата македонска јавност речиси три недели не можат да добијат информации околу исходот од третиот по ред Конкурс за избор на архитектонско решение за доградба и реконструкција на фасадата на ГТЦ. Менаџментот на друштвото молчи околу проектот, иако крајниот рок за доставување на авторските трудови истече уште на 8 април. Пристигнатите дела од последниот конкурс ги разгледуваше нова жири – комисија, откако познатиот архитект Георги Константиновски беше разрешен од дотогашната комисија без никакво образложение. Пред одлучувањето за победничкиот труд на претходниот повик, директорот на ГТЦ за „Утрински весник“ изјави дека е пожелно објектот да се вклопи околината.
Во досегашната документација на авторите им се сугерираше идејното решение да биде изработено во барокен, неокласицистички или футуристички архитектонски стил. Жири – комисијата досега не одбра труд во стилот на „Скопје 2014“. Сепак, засега нема информации каков е исходот од третиот конкурс и кога би можело да се објави визуелизација на победничкото решение, доколку истото е веќе избрано. Податоците од Бирото за јавни набавки велат дека во изминативе денови не е распишан четврт конкурс од страна на раководството на ГТЦ. Покрај реконструкцијата на фасадата, со зафатот е предвидено и да се догради петтото ниво на трговскиот центар, за што раководството доби одобрение од Општина Центар преку зголемување на габаритот на објектот во рамки на ДУП „Мал Ринг“.
Најстариот и најмаркантен трговски центар во Скопје веќе подолг период се подготвува за реконструктивен зафат. Пред пет години на меѓународен конкурс беше избрано идејно решение кое воопшто не го нарушува постоечкиот изглед, ниту пак ги видоизменува ходниците и просторот за движење на посетителите. Ова дело на авторите Јован Ивановски, Владимир Десков, Дејан Ивановски, Елена Пазарџиева и Ана Ивановска, заедно со останатите наградени трудови, беше претставено на изложба за граѓаните и за стручната јавност во киното „Милениум“. Градскиот трговски центар е изграден врз основа на проектот на архитектот Живко Поповски, како првопласиран на конкурсот од 1967 година. Eден негов дел е ставен под заштита од Националната установа Конзерваторски центар Скопје. Асоцијацијата на архитекти на Македонија во неколку наврати во изминативе години побара препознатливите зданија изградени по земјотресот од 1963 година да се заштитат како културно наследство, за чија реконструкција и промена би морало да се побара претходно мислење од експертската јавност.