Пропадна уште еден тендер за изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Министерството за животна средина и просторно планирање денеска информираше дека три компании ја подигнале тендерската документација, но ниту една од нив не доставила понуда за концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река. Крајниот рок за доставувањето на понудите истече денес. Официјални информации за понатамошните чекори за остварување на овие енергетски проекти засега нема, но некои од медиумите шпекулираат дека владата ќе понуди нови поволности на компаниите што ќе учествуваат на следниот тендер, како што е пренесување на сопственоста врз ХЕ „Тиквеш“ на инвеститорот три месеци по почетокот на изградбата на хидроелектраната „Чебрен“.
Двата енергетски објекти е зацртано да се градат по пат на јавно – приватно партнерство, при што приватниот инвеститор ќе треба на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) да им понуди удел во идниот субјект кој ќе управува со капацитетите за производство на електрична енергија. Во последниот тендер беше намалена планираната инсталирана моќност и висината на браните кај двете хидроелектрани. Иако огласот за избор на инвеститор беше објавен на почетокот од ноември, крајниот рок за поднесување на документацијата беше одолговлечен за речиси четири месеци. Проектите за искористување на водниот потенцијал на Црна Река потекнуваат уште од 60-тите години на минатиот век, но досега ниту една македонска власт не успеа да ги реализира.