Владата помогна во надминување на неколкумесечниот застој во реализацијата на нови соларни електрани на територијата на земјава. Весникот „Дневник“ во денешниот број наведува дека владата донела нова одлука за зголемување на вкупната инсталирана моќност за повластените производители на електрична енергија од сонцето, од постојните 10, на 18 мегавати. Паралелно со ова, ќе се намали досегашната откупна цена од соларните електрани со помала моќност од 50 киловати, од 30 на 16 евроценти за киловат – час електрична енергија, додека новата цена кај објектите со поголема моќност од 50 киловати ќе изнесува 12 евроценти, наместо постојните 30 за киловат – час. Оваа одлука на македонската влада доаѓа по огромниот интерес на домашни инвеститори за инсталирање на фотоволтаични електрани во рамки на сопствените фабрички погони или пак на градежно земјиште.
Во насока на стимулирање на изградбата на биогасни електрани, владата се одлучи да ја зголеми повластената цена за откуп на електрична енергија од капацитетите што користат биомаса од постоечките 9 на 15 евроценти, односно за оние што го ползуваат биогасот од сегашните 15 на 18 евроценти за киловат – час. Минимален е досегашниот интерес за изградба на енергетски објекти од овој тип во земјава.
Регулаторната комисија за енергетика во два наврати, во септември лани и во јануари годинава, ги информираше заинтересираните инвеститори дека привремено ги прекинува постапките за издавање привремени решенија за стекнување статус на повластен производител на електрична енергија од сончеви електрани. Дел од приватните компании тогаш изјавија дека ваквиот чекор може негативно да влијае врз натамошниот развој на овие енергетски објекти во Македонија.