Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната конференција за транспортната инфраструктура „Конективна Европа – одговор на ЦЕФТА регионот“ најави дека до 2021 година треба целосно да се реализира железничката инфраструктура од Коридорот 8. Новите рокови од министерот доаѓаат во пакет со информациите за вкупната инвестиција во пругата што треба да не поврзе со Бугарија и Албанија. „За завршување на градежните активности на западната делница од Коридорот 8 се потребни околу 550 милиони евра, а за источната 530 милиони евра“, истакна министерот Јанакиески. Тој дополни дека во моментов се одвива ремонтот на 54 километри од железничката пруга на Коридорот 10, како и дека до 2016 година треба да заврши изведбата на последната делница од патниот Коридор 10.
Претставниците на бизнис заедницата напоменаа дека ветувањата на државните власти не секогаш се остваруваат во реалноста. „ЦЕФТА државите и ЦЕФТА приватниот сектор, и покрај многу достигнувања, недоволно направиле во изминативе 20 години за инфраструктурата. На сите нас ни е потребна акција која доведува до резултати“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија. Мартин Клауке, раководител на Оддел за оперативни работи при делегацијата на ЕУ, смета дека меѓу најважните проекти за Македонија е довршувањето на автопатската мрежа на Коридорот 10. Тој истакна дека преку ИПА фондовите во моментов веќе се користат 130 милиони евра за различни проекти, претежно во областа на железничкиот и патниот сообраќај за Коридорите 8 и 10.
„Во моментов се подготвува Инструментот за претпристапна помош за периодот од 2014 до 2020 година, кој ќе опфаќа сличен износ на средства. Се уште ги немаме точни бројки, но ќе продолжиме да ја поддржуваме патната инфраструктура. Можеби ќе се смени малку фокусот на нашите системи и ќе ги поддржуваме поголемите проекти, како Коридорите 8 и 10“, напомена Клауке. Претставниците на меѓународните финансиски институции истакнаа дека треба да се поттикнува јавно – приватното партнерство при изградбата на транспортната инфраструктура во ЦЕФТА државите.