Претходна статија
Железничкото депо Лисиче ќе се реконструира за подготвено да го пречека новиот возен парк на МЖ
Следна статија
Словенечки „Турбоинститут“ ќе гради пет мали хидроелектрани во општина Кавадарци

Електричните автомобили наскоро ќе можат да се возат и во Скопје

Објавено на 28.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Центар и ЈП Паркинзи на Општина Центар се во преговори со Агенцијата за енергетика за поставување на полначи за електрични возила и велосипеди на пет локации на најфрекфентните места во централното градско подрачје на Скопје. Според информациите објавени на интернет – страницата на Агенцијата за енергетика, првата локација на која ќе биде поставен полнач за електрични возила и велосипеди ќе биде монтажниот паркинг во Капиштец. Преку спроведување на јавно – приватно партнерство со Општина Центар и ЈП Паркинзи на Општина Центар, заинтересираните инвеститори ќе можат да се вклучат во овој проект. Подетални информации за оваа идеја засега не се соопштуваат. „Билд“ испрати прашања до локалната власт и до надлежното јавно претпријатие во насока на добивање дополнителни информации за овој проект, но одговор од нив не добивме.

 

 

 

 

Ниту еден македонски град во моментов нема изградено инфраструктура за непрекинато функционирање на електричните автомобили. За разлика од земјава, во соседните балкански држави поактивно се работи на поставување полначи за овој вид на возила, кои што допрва треба да влезат во масовна употреба во глобални рамки. Во неколку европски држави се воведени субвенции за граѓаните кои што ќе се одлучат да купат електричен автомобил, а преку искористување на иновативноста и современата технологија ваквиот вид на станици се поставени на многу локации во европските метрополи.

 

Поради непостоењето на соодветна инфраструктура и високата цена, увозниците на познатите брендови на автомобили во Македонија сеуште не нудат можност за купување на вакви возила. Технологијата за придвижување на автомобилите со помош на електрична енергија е стара речиси два века. Сепак, сериското производство на електрични возила и денеска се соочува со бројни препреки. Во согласност со постоечкото ниво на иновација, едно просечно електрично возило може да помине растојание од 100 до 150 километри помеѓу две полнења на батеријата.