По речиси една и пол година мирување, локалната власт од Ѓорче Петров повторно ја оживеа идејата за изградба на нова општинска зграда спроти постоечкиот трговски центар „СП Планет“, на парцела со големина од 8.152 метри квадратни, на која некогаш се наоѓаа привремени објекти. Деновиве е распишан тендер за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на администравно – деловниот објект, чија вкупна површина е планирано да изнесува 15.000 метри квадратни. Приватниот партнер треба да го реализира зданието и за возврат би добил 77% од просторот во објектот. Идната административна зграда ќе добие и подземен паркинг простор, при што 40 паркинг места ќе бидат префрлени во владение на општинската власт.
Иако во 2005 година беше изготвен идеен проект, сепак локалната власт во тендерот бара од идниот приватен инвеститор да изготви нова проектна документација во период од шест месеци по потпишување на договорот. Од општина Ѓорче Петров пресметале дека во проектот ќе треба да се вложат финансиски средства во износ од 12.604.089,60 евра. По добивањето на градежна дозвола, приватниот партнер ќе има рок од 30 месеци за да го изгради идното здание. Како единствен критериум за избор на најповолна компанија е понудата на поголема бруто површина за општинската администрација од загарантираните 3.500 метри квадратни. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 10 мај, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Локалната власт веќе распиша еден тендер за остварување на овој проект во ноември 2011 година, но целокупната постапка заврши безуспешно.