Големи странски компании и домашни стопанственици од 2014 година ќе можат да инвестираат во технолошко – индустриската развојна зона во Тетово. Со земјиштето со површина од над 97 хектари во иднина ќе управува норвешката компанија „Нормак инвестмент груп“, која денеска и официјално стана концесионер на ТИРЗ Тетово. Понудата е прифатена од страна на Министерството за економија, а зелено светло за концесијата е добиена и од антимонополската комисија. Идниот управител на зоната најпрво ќе ги започне подготовките за изградба на целокупната инфраструктура, по што ќе следува и склучувањето договори со заинтересираните инвеститори.
ТИРЗ Тетово е првата индустриска зона во земјава во која се применува моделот за јавно – приватно партнерство за нејзината изградба и управување. Во неа во иднина е предвидено да се подигнат објекти за производство, дистрибуција и сервисни дејности. „Норман инвестмент груп“ ќе стопанисува со зоната во близина на тетовското село Сараќино во наредните 96 години, а за возврат на државата ќе и дава надоместок за управување на земјиштето. Во нејзиниот развој тие се должни да вложат околу 19 милиони евра во внатрешната инфраструктура, царински терминал и во административна зграда, додека државата треба да ја изгради сообраќајната врска со постоечката патна мрежа. „Норман инвестмент груп“ е новоформирана компанија, позади која стои конзорциум од три приватни и две државни фирми од Норвешка.
» Форумска дискусија за ТИРЗ Тетово
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=l4mYwyFeLPI&rel=0&w=515]