Претходна статија
Започна изградбата на нова меѓуградска автобуска станица во Гевгелија
Следна статија
На Широк Сокак ќе се обнови славното кино на браќата Манаки

Рекордна трета промена на урбанистичкиот план „Мал Ринг“ годинава

Објавено на 25.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советот на општина Центар на последната седница ја изгласа најновата верзија на ДУП „Мал Ринг“ за строгиот центар на Скопје. После двете измени и дополнувања со маркички за нови објекти и вметнување на споменици во текот на февруари и јуни годинава, советниците ја усвоија третата по ред верзија на овој важен документ во текот на 2012 година. Со последните измени се остава можноста за поставување на најавениот 30 – метарски споменик на Мајка Тереза кај постоечкиот велосипедски пункт на плоштадот Македонија, додека на локацијата на која беше планирано да се смести седиштето на Народна банка сега е предвиден комерцијално – деловен објект со намалена висина од 16 метри. Наместо зацртаниот хотел помеѓу МОБ и новото Министерство за надворешни работи, во новата верзија е вметната уште една зграда за државна администрација, а градежната маркичка е зголемена и вкупната корисна површина на зданието би можела да достигне до 24.219 метри квадратни. Ако се суди барем според насловот на документот, тогаш важноста на последната корекција на ДУП „Мал Ринг“ би требало да биде до 2017 година.

 

 

 

 

За разлика од претходните верзии, најновата измена на планот за центарот на Скопје не содржи масовно додавање на објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“. Сепак ново големо споменично облежје со фонтана е вметнато помеѓу седиштето на партијата „ВМРО-ДПМНЕ“ и „ТЦЦ Плаза“. Единствено исфрлување на објект од минатата планска документација е кружниот тек што требаше да се изведе на крстосницата помеѓу булеварите „Партизански одреди“ и  „ВМРО“ пред зградата „Тифани“. И покрај бројните негодувања на јавноста за вметнувањето на новата надземна улица на кејот „13 ноември“, сепак локалната власт не се одлучи за нејзино бришење од урбанистичкиот план. Како изработувач на ДУП „Мал Ранг“ се јавува Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „Инпума“ од Скопје.

 

 

» Форумска дискусија за ДУП Мал Ринг