Претходна статија
И Гевгелија на мапата на македонските технолошко - индустриски развојни зони
Следна статија
Јавно - приватно партнерство за ски центар на Водно

Ветувањето за олимписки базен во Битола ќе стане реалност

Објавено на 23.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По спроведениот повик за пројавување интерес од приватните субјекти во јули годинава, Општина Битола денеска објави оглас за изградба на покриен олимписки базен во непосредна близина на спортската сала „Младост“ кај градското шеталиште. Проектот е планирано да се гради по пат на јавно – приватно партнерство, бидејќи локалната самоуправа нема доволно финансиски средства за самостојна реализација на објектот. На интернет – страницата на Бирото јавни набавки е наведено дека времетраењето на договорот помеѓу приватниот инвеститор и општината ќе биде ограничено на 180 месеци од денот на неговото потпишување. Затворениот базен ќе биде со димензии од 25 метри во широчина и 53 метри во должина, а максималната длабочина ќе изнесува 2,05 метри. Обврска на локалната власт е да го обезбеди градежното земјиште, додека пак идниот партнер треба да одвои сопствени финансиски средства за реализација на проектот.

 

Најважен критериум при изборот на најповолен инвеститор е бројот на години на важност на договорот за јавно – приватно партнерство што ќе го понуди приватната компанија (70 бода), идејното решение за објектот (20 бода) и рокот за негова изградба (10 бода). Понудите од заинтересираните субјекти треба да се достават најдоцна до 11 јануари 2013 година, за кога е закажано нивното јавно отворање во просториите на локалната самоуправа. Битола во моментов не располага со затворен базен, а единствено место за разладување и рекреација на граѓаните е отворениот базен кај градското шеталиште, кој функционира единствено во текот на летните месеци.