Македонскиот премиер Никола Груевски денеска го постави камен – темелникот на новата технолошко – индустриска зона во месноста Алдинци кај Прилеп. Идната локација наменета за привлекување на странски директни инвестиции има плански опфат од 67 хектари, со можност за нејзино проширување со дополнителни 35 хектари. Планирано е во претстојниот период да се изведат градежни активности за комплетирање на патната, електричната, водоводната и на канализационата инфраструктура во прилепската индустриска зона. Властите не објавија информации за висината на финансиските средства што ќе се одвојат од државниот буџет за овој проект.
После Тетово, Кичево, Штип и двете кај Скопски Бунарџик, ТИРЗ Прилеп е шестата по ред економска зона од овој вид во земјава. Владата планира да основа вкупно 11 технолошко – индустриски развојни зони кои се реализираат со средства од централниот буџет или пак се бараат приватни инвеститори за нивно завршување по пат на јавно – приватно партнерство. Покрај почетокот на изградбата на зоната во Алдинци, локалната самоуправа од градот успешно ја заокружи продажбата на сите градежни парцели од индустриската зона „Прилеп 1“, во моментов активно се работи на зоната „Прилеп 2“, а се планираат уште две локации во прилепскиот регион кои ќе бидат наменети за малото стопанство и лесната индустрија.