Советот на Град Скопје вчера го усвои новиот Генерален урбанистички план за периодот 2012 – 2022 година. Македонската метропола во финалната верзија на документот е поделена на 11 градски зони и на 162 квартови како основни урбанистички единици. Врз основа на спроведениот попис од 2002 година и на демографската студија од Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања, стратегијата за развитокот на главниот град е направена за предвидена популација од 634.200 жители. Урбанистичкиот план опфаќа површина од 8.790 хектари што е за 990 хектари повеќе во споредба со досегашниот, бидејќи во него е внесена и територијата на Општина Сарај. Новиот ГУП, на кој во континуитет се работеше во изминативе две години, го подготви Агенцијата за планирање на просторот.
Важниот документ за развитокот на главниот град треба да се операционализира во рок од еден месец, по што општините ќе можат да започнат со изработката на деталните урбанистички планови. Тие би можеле да се соочат со проблеми во првите неколку месеци од неговото функционирање, бидејќи за секој градски кварт ќе биде потребно да се изработи и да се усвои посебен план. Наспроти ова, со ваквиот потег ќе им се овозможи на локалните самоуправи да имаат поголема слобода во планирањето и подетално да ја предвидат намената на просторот под нивна ингеренција. Со новиот ГУП не се променети границите на Градот Скопје, но се направени измени во намените на одредени површини во негови рамки. Зголемени се површините на територијата на главниот град кои опфаќаат повеќе намени за изградба на објекти, со што на граѓаните кои живеат во рамките на индустриските зони им се овозможува да ги легализираат своите објекти. Покрај со намена за индустриска зона, територијата на населбата Ќерамидница е предвидена за домување, деловни објекти и јавни функции. Сепак, на дивоградбите во Парк – шумата Водно не им се остава простор за легализација.
Нереализираните сообраќајни траси од изминативе децении, како што е Јужниот булевар, Јужната обиколница и булеварот Крушевска република, се вметнати и во планот за развитокот на градот во наредните 10 години. Стручната јавност, скопските општини, економските субјекти и граѓаните имаа можност да учествуваат со свои предлози и забелешки во текот на изготвувањето на документот. Нацрт – верзија на документот се гласаше два пати од страна на градските советници, додека дел од експертите изразија критики кон одредени сегменти кои што истиот ги содржи. Најголемиот посочен недостаток претставува отсуството на Просторен план на регионот, кој би требало да се изработи пред усвојувањето на Генералниот урбанистички план.