Претходна статија
АДСДП во иднина ќе нуди поевтини станови
Следна статија
ТЕМА: Еколозите бараат транспарентност при изградбата на туристичкиот комплекс во Љубаништа

Скопје ќе се гасифицира по пат на јавно – приватно партнерство

Објавено на 01.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје денеска објави оглас за пројавување интерес за учество во јавно – приватно партнерство за изградба на идниот систем за дистрибуција на природен гас и за управување со дистрибуцијата на природен гас на територијата на главниот град. Начинот и условите за реализација на долгонајавуваниот проект за гасификација на Скопје дополнително ќе се утврдуваат во соработка со компаниите што ќе достават писмо за интерес најдоцна до 21 декември. Според информациите наведени во јавното известување, локалната власт планира да ја изведе секундарната гасоводна мрежа и дистрибуцијата на енергенсот до потрошувачите по пат на доделување на концесија во временски период кој сеуште не е определен.

 

Во изготвената студија од Градот Скопје се наведува дека вкупната инвестиција за реализација на дистрибутивната мрежа би изнесувала околу 40 милиони евра, финансиски средства кои ќе треба да ги обезбеди идниот приватен инвеститор што ќе ја добие концесијата во соработка со градската управа. Засега е непознато што би опфатил моделот на јавно – приватно партнерство, поточно дали иста компанија би ја добила обврската за изведба на дистрибутивната мрежа и наплатата од користењето на услугата за проток на гас заедно со правото да ја врши дистрибуцијата на природниот гас до крајните потрошувачи или пак овие две дејности би ги вршеле различни компании.

 

Главната причина за одложувањето на процесот на изградба на дистрибутивната мрежа беше недовршениот гасоводен прстен околу македонската метропола, поточно сегментот помеѓу топланите Исток и Запад што минува долж трасата на Јужниот булевар. „ГА-МА“ вложи околу 2,5 милиони евра во изградба на преостанатите шест километри од цевководот во текот на изминативе две години. По неговото завршување се отвора можноста за гасифицирање на индустриските објекти во западниот дел на главниот град, но и конечно започнување на следната фаза за изведба на системот за дистрибуција на природен гас. На територијата на Скопје веќе постојат две мерни станици на магистралниот гасовод кај фабриката „Охис“ и кај скопската Железарница. Магистралниот гасовод до македонската метропола беше изграден во 90-тите години, но освен приклучувањето на индустриските капацитети од источниот дел на градот досега не е направен никаков напредок во гасификацијата на преостанатите компании и на домаќинствата.