За црквата „Св. Константин и Св. Елена“ во Скопје чија изградба веќе е во тек, денеска беше поставен и официјален камен – темелник. Објектот се гради на местото на поранешното паркче кај Домот на АРМ [»мапа], а како инвеститор се јавува Македонската православна црква, која за таа намена основа и фондација „Св. цар Константин“. Градежните работи ги изведува компанијата „Бетон“ од Скопје.
До скопскиот земјотрес, црква со исто име постоела на просторот на сегашниот Градски трговски центар, на неговиот влез од страната на плоштадот „Македонија“. На почетокот на 2008 година беше најавено нејзино обновување, на просторот помеѓу „Сити Галери“ и „Пелистер“, долж границата на плоштадот. Според планот, новата црква требаше да се издигне до височина од 29 метри, со камбанарија висока 50 метри. Автори на идејното архитектонско решение беа Искра Атанасова и Владимир Лековски. Почетокот на изградбата неофицијално беше најавуван неколку пати, но не се случи, а кон средината на минатата година беше соопштено дека е избрана нова локација, односно актуелната кај Домот на АРМ, за што после неколку месеци следуваа измени на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“. Градежната маркичка на плоштадот „Македонија“ која првично беше вцртана за потребите на црквата, најпрвин беше пренаменета за административен објект, после што следеше најава дека таму ќе се пресели Народната банка. Но со најновите измени на урбанистичкиот план е предвидена уште една пренамена на маркичката, овој пат за објект со деловни и комерцијални содржини.
» Форумска дискусија за овој проект