На железничката станица во Куманово денеска официјално беше означен почетокот на градежните работи за ремонт на пругата на делниците Куманово – Табановце и Миравци – Смоквица, во вкупна должина од 24,1 километар. Со ова стартуваше проектот за модернизација на железничкиот Коридор 10 во земјава, кој во втората фаза ќе ја опфати и делницата Ногаевци – Неготино, во должина од 31 километар и за кој од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е обезбеден кредит во висина од 17,6 милиони евра.
Градежните работи треба да завршат во рок од една година, а ќе ги изведува германскиот конзорциум „Вибе и Алпине“ (Wiebe & Alpine). Активностите ќе опфатат санација на долниот строј на пругата и поставување на геотекстил и геомрежа, подобрување на техничките карактеристики на горниот строј на пругата преку замена на трулите дрвени прагови со нови армирано – бетонски како и замена на шините и положување нов толчаник. Исто така, со проектот е предвидена обнова на горниот строј на девет патни премини во ниво и поставување на нови армирано – бетонски перони на неколку железнички стојалишта. Реконструкцијата во пракса ќе значи и побрзо движење на возовите, односно постигнување на брзини до 120 километри на час на овие делници.