Помала височина на браните, помал производствен капацитет на електрична енергија и ексклузивно право за управување и одржување на постоечката хидроелектрана „Тиквеш“ за идниот инвеститор на „Чебрен“ и „Галиште“. Министерството за животна средина и просторно планирање го објави новиот јавен повик за доделување концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од идните хидроелектрани на Црна Река. На странските инвеститори овој пат им се нудат поповолни услови за реализација на проектот, со што државата се надева дека конечно ќе се оствари децениското ветување за изградбата на овие два важни енергетски објекти. Најголема корекција во документацијата е направена кај хидроелектраната „Чебрен“. Досегашната проектирана моќност од 347 мегавати во новиот тендер е намалена на инсталиран капацитет помеѓу 315 и 333 мегавати, а исто така е оставена можност за пониска брана од досега предвидените 192,5 метри.
Корекции се направени и кај критериумите за реализација на хидроелектраната „Галиште“, при што во документацијата е наведено дека вкупниот инсталиран капацитет треба да се движи помеѓу 185 и 197 мегавати. Дополнителна поволност на идниот инвеститор е ексклузивното право да ја управува и да ја одржува постоечката ХЕ „Тиквеш“ за период од 52 години, но притоа тој ќе го добие овој енергетски објект откако ќе ја обезбеди концесијата за управување со вода за изградба на останатите две хидроелектрани. Инвеститорот ќе треба на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) да и додели минимум 39 отсто од акциите во идната компанија што ќе управува со објектите за производство на електрична енергија. Понудите на заинтересирани субјекти ќе се отворат на 22 декември, а реализацијата на проектот ќе му биде доделена на оној кој ќе понуди највисок процент на учество на ЕЛЕМ.
Хидроелектраните „Чебрен“, „Галиште“ и „Тиквеш“ во иднина ќе функционираат како независни субјекти, со што на домашниот и на меѓународниот пазар ќе нудат електрична енергија по цени што ќе ги диктира пазарот, при што струјата од ЕЛЕМ ќе се купува за 25 евра по мегават-час, плус годишното зголемување на цената што ќе го усвои Регулаторната комисија за енергетика. Како советник во целокупната постапка за доделување на концесијата е ангажирана „ИФЦ“ (IFC; International Finance Corporation). Најновата објава за изградба на двата енергетски објекти е осма по ред во изминативе неколку години, а досега постапката ја спроведуваше Министерството за економија. На последниот тендер во финалната фаза се квалификуваа кинескиот конзорциум China Water Electric и грчката Public Power Corporation S.A., но владата одлучи да ги отфрли понудите поради неприфатливост на условите што тие ги доставија.