Претходна статија
Реконструирани 800 метри од улицата Козле
Следна статија
Уште 12 згради во строгиот центар на Скопје ќе добијат нови фасади

Народната банка нема да се сели на Плоштадот „Македонија“

Објавено на 08.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Народната банка на Македонија денеска соопшти дека се откажува од идејата за изградба на административен објект на Плоштадот „Македонија“ и дека ќе побара нова локација за градба која би била соодветна за задоволување на нивните потреби. Конкурсот за избор на идејно решение за седиштето на оваа институција заврши без успех. Комисијата составена од девет члена од областа на архитектурата, градежништвото и уметноста, заклучи дека трудовите коишто биле доставени не понудиле објекти што се препознатливо архитектонски проектирани и дизајнирани во согласност со современите конструктивни системи.

 

#„Во понудените решенија нема архитектура со еден похрабар концепт, современа технологија, богат колорит и материјали, ниту пак архитектура што ќе дава посебен дух и белег на Плоштадот „Македонија“ и на пошироката околина на центарот на Скопје. Понудените проекти, во однос на катастарската парцела на којашто треба да се изгради објектот, не дадоа решенија поврзани со барањата за сообраќај и пристап до објектот, заштита од пожари, безбедност и енергетска исплатливост“, се наведува во денешното соопштение на Народната банка на Македонија испратено до медиумите. Во меѓувреме, Општина Центар во доставените измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ целосно ја промени атрактивната градежна парцела лоцирана помеѓу споменикот „Воин на коњ“ и Портата Македонија.

 

Согласно планираните измени, максималната висина на идниот објект е ограничена на 16 метри, што подразбира приземје и три ката, а истовремено е намалена и површината на самата градежна маркичка. Променета е и намена на планираниот објект, така што наместо административен во урбанистичкиот план е предвидена изградба на објект за комерцијални и деловни намени и површина од најмногу 3.780 метри квадратни. Наспроти ова, досегашната маркичка дозволуваше административна зграда висока 40 метри, со приземје, 10 ката и поткровје и со вкупна површина од 16.860 метри квадратни. Засега не се објавуваат информации за тоа која ќе биде новата локација на која треба да се гради идното седиште на централната банка, но исто така останува непознато кој ќе го гради новиот објект на Плоштадот „Македонија“.