Покрај одлучната реакција на европските и на македонските еколошки здруженија, плановите за изградба на акумулацијата „Луково поле“ за прв пат наидоа на отпор и кај дел од македонските официјални власти. Советот на Општина Дебар и градоначалникот на Дебар, Аргетим Фида, се спротиставија на реализацијата на проектот, бидејќи сметаат дека неговото остварување ќе влијае негативно врз животната средина во целокупниот регион. Локалните власти од градот напоменуваат дека одземањето на дел од водите на реката Радика ќе го наруши биодиверзитетот во дебарската околина. На вчерашната седница на општинскиот совет е заклучено дека во реката Радика се сливаат помали количества вода во текот на последните неколку години и натамошното црпење на нејзините ресурси ќе влијае негативно врз растителниот и животинскиот свет.
Локалната самоуправа од Дебар планира да реагира до македонските надлежни институции со цел да се преземат мерки за стопирање на реализацијата на овој енергетски објект, кој би можел да предизвика тешки последици врз заштитениот со закон регион. Засега нема слична реакција од Општина Маврово и Ростуше и од управата на Националниот парк „Маврово“, кои исто така се директно засегнати од евентуалното остварување на браната „Луково поле“. Негативни критики за проектот во изминатиот период пристигнаа и од европската невладина организација „Бенквоч“. Тие сметаат дека доведувањето на тешката механизација и крупните хидролошки зафати во овој регион ќе предизвикаат заминување на балканскиот рис од локацијата и ќе доведат до влошување на биолошкиот минимум на вода кај засегнатите реки.
„Луково поле“ е зацртано да акумулира 39 милиони метри кубни вода кои ќе се користат за производство на електрична енергија во идната хидроелектрана „Црн камен“ и за зголемување на производството од мавровскиот систем на хидроелектрани. Камено – насипната брана ќе биде висока 71 метри со должина на круната од 321 метри. Во документацијата е предвидена изградба и на доводниот канал „Корабски води“ во должина од 20 километри. Инвестицијата во акумулацијата „Луково поле“ е проценета на 62 милиони евра, од кои околу 52 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од Светска банка. Сите градежни активности треба да се одвиваат во рамките на Националниот парк „Маврово“, во кој живеат 50 видови на цицачи, 129 видови птици, 11 видови водоземци, 24 видови на влечуги и 924 видови без’рбетници.