Претходна статија
Намалена висината на планираните облакодери во центарот на Скопје
Следна статија
За Панорамското тркало веќе се потрошија половина милион евра

ИФЦ ке ја советува Владата за патниот Коридор 8

Објавено на 27.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата потпиша договор со ИФЦ (IFC; International Finance Corporation) за обезбедување на консултантски услуги и изработка на студии и анализи во врска со предвидениот проект за изградба, одржување и наплата на патарини на патниот правец Скопје – Гостивар – Кичево, кој е дел од патниот Коридор 8. ИФЦ е дел од групацијата на Светска Банка и воглавно нуди советодавни услуги за охрабрување на приватните инвестиции во земјите во развој.

 

Согласно договорот ИФЦ ќе има обврска до Владата на Република Македонија да предложи модел за имплементација на проектот за концесија на патниот правец Скопје – Гостивар – Кичево и да биде трансакциски консултант на Владата се до склучување на договор со потенцијалниот најповолен понудувач. ИФЦ ќе биде задолжена да и асистира на Владата во структурирање на проектот и подготвување на транспарентен, фер и компетитивен процес за привлекување на приватен партнер за изведување на проектот по модел на јавно – приватно партнерство.

 

Патен правец Кичево - ГостиварСо договорот се предвидува во временска рамка од 14 до 24 месеци да бидат имплементирани две фази на овој проект, кој треба да заврши со избор на најповолен понудувач. За време на изведување на првата фаза од проектот, ИФЦ ќе треба да ги разгледа и направи анализа на сите релевантни информации кои се однесуваат на концесијата на патиштата, да изготви техничко – сообраќајна анализа, детален финансиски модел, испитување на пазарот и изработка на препорачлива структура за имплементација. Доколку по оваа фаза бидат прифатени изготвените студии ќе се имплементира втора фаза од проектот во која од страна на ИФЦ ќе се промовира моделот за концесија, ќе се асистира во фазата на претквалификација, изработка на тендерска документација, преговорите со претквалификуваните компании и во завршување на тендерската постапка со избор на најповолниот понудувач и склучување на договор.