Со продажба на десет од планираните 500 парцели за индивидуални куќи, Општина Илинден почна со реализација на замислата за изградба на нова населба за домување на локалитетот „Јака“, непосредно до автопатот Скопје – Миладиновци. Парцелите се со површина помеѓу 374 и 460 метри квадратни, а максиманата дозволена висина на објектите е 7,2 метри. Почетната цена на електронското јавно наддавање кое ќе се оддржи на 12.11.2012 изнесува 95 денари за метар квадратен. Пријавите за учество треба да се достават до Општината најдоцна до 07.11.2012, а право на учество имаат сите физички и правни лица. Постојниот Урбанистички план за локалитетот „Јака“ се простира на површина од 28 хектари и покрај станбени куќи предвидува изградба на трговски центар, хотелско сместувачки капацитети, забавен парк, спортски терени и простор за собири. Од локалната самоуправа најавуваат дека во наредниот период континуирано ќе нудат на продажба градежни парцели за домување и други намени.