Претходна статија
Во Штип ќе се гради трговски центар од 14.000 метри квадратни
Следна статија
Ќе се гради „барокна“ катна гаража спроти Цветен пазар

Трет обид за нова зграда на Општина Центар

Објавено на 16.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Првичните четири идејни решенија кои Општината ги откупи во 2010Министерството за транспорт и врски во печатените медиуми денеска ја публикуваше објавата за отуѓување на државно градежно земјиште на кое се лоцирани постоечките бараки на Општина Центар, во близина на Градскиот парк. По двата неуспешни обиди, надлежното министерство во соработка со Градот Скопје и локалната самоуправа на Центар се надева дека ќе може да ја оствари продажбата на атрактивната парцела, со што би се отворила можноста и за реализација на предвидениот административен објект на Општина Центар. На инвеститорите им се нуди земјиште со големина од 7.528 метри квадратни, на кое ќе можат да подигнат објект со приземје и 15 ката со максимална висина од 55 метри, во чии рамки би се сместила општинската администрација на површина од 31.000 метри квадратни. Идниот инвеститор за себе ќе може да задржи 49% од зданието и просторот да го искористи за мали комерцијални и деловни дејности, големи трговски единици, големи угостителски единици и за култура.

 

Како нова погодност, во јавната објава се истакнува дека најповолниот понудувач ќе биде ослободен од плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште, во согласност со донесените одлуки на Советот на општина Центар и Советот на Град Скопје од 9 октомври, односно од 24 септември годинава. Почетната цена за парцелата изнесува 2.800 денари за метар квадратен, односно околу 340 илјади евра за целото заемјиште. Пријавите за учество на електронското јавно наддавање треба да се достават најдоцна до 19 ноември, а лицитацијата ќе се одржи на 26 ноември. Од Општина Центар имаат позитивни очекувања од најновата објава и се надеваат на поголема заинтересираност од приватните инвеститори за земјиштето, на кое треба да се издигне идната општинска зграда.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект