Претходна статија
Кенго Кума: Природата е инспирација од која ги црпам моите идејни решенија
Следна статија
Во Штип ќе се гради трговски центар од 14.000 метри квадратни

ТЕМА: Инвеститорите во соларни електрани гневни, Регулаторната комисија ја префрла топката кај Владата

Објавено на 14.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Инвестирањето во капацитети за производство на електрична енергија преку искористување на обновливите енергетски извори во Македонија може да биде привремено прекинато, доколку владата во брзо време не донесе нова одлука за зголемување на инсталираната моќност на повластените производители на електрична енергија кои ги ползуваат благодетите на сонцето, водата, ветерот и био – масата. Последното решение на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за привремено прекинување на постапките за издавање на привремени решенија за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија од фотонапонски електрани ги разочара инвеститорите. Тие велат дека ваквата одлука може да донесе правна несигурност кај домашните и странските инвеститори во сигурноста на било какви идни вложувања во земјава. Иако на европско ниво се наоѓаме на самото дно според искористеноста на сонцето за добивање на електрична енергија, наместо да се зголемат постоечките капацитети, компаниите од овој сектор ќе претрпат финансиски штети поради тоа што веќе се одлучиле да вложат во соларните електрани.

 

 

 

 

Според информациите од компанијата „Сието“ од Скопје, проблемите започнале кон крајот на јули годинава, кога сите фирми кои поднеле барање за доделување на статус за повластен производител добиле заклучоци од страна на РКЕ дека нивните постапки се прекинуваат. Од регуларното тело добиле образложение дека прекинот на постапката ќе трае до добивањето на мислење од Владата на Р.М., Министерството за економија и Државниот управен инспекторат за тоа дали спроведувањето на целокупната постапка е во согласност со Законот за енергетика и Правилникот за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Иако со истиот правилник се опфатени сите обновливи извори на енергија, сепак постапката е прекината само за производителите на еден вид енергија. „Во пракса, РКЕ ја запре постапката за добивање статус на привремен повластен производител од фотонапонски панели, а продолжи да издава решенија за повластени производители на енергија од водата“, истакнува за „Билд“ Звонко Марковски од компанијата „Сието“.

 

 

 

 

Од РКЕ објаснуваат дека заклучно со донесувањето на решението за привремен прекин на постапката на 24 септември, до нив се поднесени 90 барања за издавање на привремено решение за статус на повластен производител, од кои 10 барања се одбиени уште во текот на април 2012 година поради немање услови за поведување на постапката. „Од овие 80 барања, 62 барања се однесуваат за фотонапонски електрани со моќност помала или еднаква од 50 kW, а 18 барања се однесуваат за фотонапонски електрани со моќност поголема од 50 kW, а помала или еднаква на 1MW“, напоменуваат од РКЕ. Од таму додаваат дека изградените соларни електрани, оние коишто веќе поседуваат привремено решение и оние коишто поднеле барање за издавање на привремено решение имаат предвидена моќност која ја надминува вкупната инсталирана моќност за која се применуваат повластени тарифи за купопродажба на електрична енергија определена со „Одлуката за вкупна инсталирана моќност за повластени производители од обновливи извори“, донесена од македонската влада.

 

Според информациите од регулаторното тело, вкупната моќност кај капацитетите со инсталирана моќност помала или еднаква на 50 kW, утврдена да изнесува максимум 2 MW, е надмината за околу 1 MW, додека истата кај фотонапонските електрани со инсталирана моќност поголема од 50 kW, а помала или еднаква на 1 MW, е надмината за околу 5 MW, наспроти определениот максимум од 8 MW. Компаниите од овој сектор констатираат дека вкупната инсталирана моќност од 10 MW е многу мала во однос на поттикнувањето на искористеноста на обновливите извори на енергија во Македонија. „Потребно е да се зголеми оваа квота и, според мене, новата квота за инсталирана моќност би требала да изнесува најмалку дополнителни 10 MW“, објаснува Звонко Марковски од компанијата „Сието“. Тој напоменува дека како инвеститори на новите соларни електрани треба да се јават правни лица од Македонија, бидејќи на тој начин произведената струја и парите од продажбата на истата ќе останат во нашата земја. Дополнително, со новите инвестиции во овие енергетски објекти би се поттикнал развитокот на домашните компании за инсталација на ваков тип на опрема. Од „Сието“ предлагаат инсталираната моќност на секоја електрана да биде ограничена до максимум 200 kW и на секој инвеститор да можат да му се доделат најмногу две лиценци за изградба во иста општина.

 

 

Обновливите извори на енергија ја зголемуваат цената на струјата во Македонија?

 

Особено важно прашање во целокупната состојба е и определувањето на крајната цена на електричната енергија во Македонија. Од РКЕ велат дека повластените тарифи за електрична енергија имаат директно влијание врз тарифата за пренос на електрична енергија, но и врз цената на електричната енергија која ја плаќаат македонските потрошувачи. Компаниите кои се заинтересирани за вложување во изградба на новите фотоволтаични електрани велат дека инсталирањето на новите енергетски објекти ќе доведе до минорно поскапување на електричната енергија во земјава, наспроти поволностите за развој, како што се приливот на финансиски средства преку инвестиции, поттикнувањето на домашната економија и зголемувањето на исклучително ниската искористеност на обновливите извори на енергија.

 

»Форумска дискусија за сончевите електрани во Македонија

 

 

Бојан Блажевски