Претходна статија
Грант од три милиони евра за реновирање на 16 училишта
Следна статија
ТЕМА: Ниту систем за изнајмување велосипеди, ниту потребна инфраструктура во македонските градови

Катната гаража спроти „Макпетрол“ наскоро готова, за онаа кај „Беко“ ќе се раскинува договорот

Објавено на 22.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска изврши увид на катната гаража што се гради на улицата Свети Кирил и Методиј (поранешна Мито Хаџивасилев Јасмин) спроти дирекцијата на „Макпетрол“ [»мапа]. Ако активностите продолжат да се одвиваат според предвидената динамика, овој гаражен објект ќе биде пуштен во употреба во првите месеци од 2013 година. Досега се завршени работите за изведување на карабината, а во моментов се поставува водоводна и електрична инсталација, како и машинска инсталација за климатизација на објектот. Катната гаража со висина од 21 метар ќе има две подземни нивоа и седум ката. Предвидениот капацитет е 445 паркинг места, од кои 17 ќе бидат наменети за лица со посебни потреби. Изведувач на градежните активности е претпријатието „Гранит“ од Скопје. За реализација на овој проект се издвоени 10,7 милиони евра од градскиот буџет и од подигнатиот кредит од НЛБ Тутунска банка.

 

##

 

 

И додека активностите кај овој објект се одвиваат според зацртаното, на само неколку стотини метри оддалеченост, спроти полициската станица „Беко“ [»мапа], сеуште тапка во место изградбата на катната гаража што ја гради хрватската компанија „Конструктор“. Иако и двата проекти започнаа да се реализираат во речиси идентичен временски период, градежните работи на катната гаража кај „Беко“ веќе подолг период се замрени. Телевизијата „Алфа“ во денешниот прилог на оваа тема ја пренесува изјавата на скопскиот градоначалник, во која тој напоменува дека Градот покренал процедура за преиспитување на договорот со изведувачот поради доцнење во изградбата на објектот, наспроти одредбите од договорот во кои е нагласено дека работите треба да финишираат до мај 2013 година.

 

На „Конструктор“ веќе му беа одземени проектите за реализација на 100 повеќенаменски спортски игралишта и за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид. Изградбата на катната гаража спроти „Беко“ започна во мај 2011 година, како инвестиција во вредност од околу 14 милиони евра, со која е планирано да се обезбедат 605 паркинг места за возила и 120 места за велосипеди.