Претходна статија
„Зелената Арка“ работи на проектот „Едукативен истражувачки центар за пермакултура и одржлив развој“ во с.Серменин
Следна статија
Тендерот неуспешен, приказната за „Чебрен“ и „Галиште“ ќе продолжи со осми меѓународен повик

Долгонајавуваниот трамвај во Скопје ќе започне да се реализира догодина

Објавено на 17.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неколкумесечно одложување и застој на целиот проект, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на денешниот Меѓународен семинар за јавен превоз и обнова на возниот парк најави дека до крајот на овој месец ќе биде објавен тендерот за избор на концесионер за изградба и оперирање со првата трамвајска линија во Скопје. Унгарската „Виалто консалтинг“ и англиската „ЕЦ Харис“ ја комплетираа потребната документација за отпочнување на следната фаза од проектот, која ќе финишира до крајот на годинава со заокружување на тендерската постапка и потпишување договор со компанијата што ќе понуди најповолни услови. Концесионерот ќе има задолжение да ја изгради првата траса на потегот од населбата Ѓорче Петров до населбата Јане Сандански и да ги набави трамвајските возила за извршување на јавниот превоз.

 

 

 

 

Градоначалникот Трајановски напомена дека постојат неколку заинтересирани субјекти со кои се остварени средби за нивно запознавање со условите на претстојниот тендер. Првата трамвајска линија во должина од 15 километри ќе чини 150 милиони евра и е планирано да се заврши во период од две до три години. Ако се остварат најавите на скопскиот градоначалник, тогаш долгонајавуваниот трамвај ќе започне да функционира во главниот град најдоцна до 2016 година. Дел од стручната јавност континуирано предупредува дека класичниот трамвај е застарена солуција која ќе минува по идентична траса со постоечкиот патен сообраќај. Поради тоа, наместо да постане вистинска алтернатива на автобускиот јавен превоз, тој би можел да го зголеми сегашниот метеж и застој на скопските улици.