Претходна статија
Обновена улицата Самоилова
Следна статија
Хаос со зонското паркирање на територијата на Општина Центар

ИНТЕРВЈУ: Нашата фела треба да преставува коректив во изготвувањето на новиот Генерален урбанистички план на Скопје

Објавено на 10.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Процедурата за донесување на новиот Генерален урбанистички план на главниот град за периодот од 2012 до 2022 година е навлезена во напредна фаза и непречено се одвива и покрај сите забелешки и контроверзи кои го следат процесот. Архитектите и другите повикани стручни лица обвинуваат за нетранспарентност, а политичката опозиција обвинува дека власта манипулира со повеќе верзии на планот. Минатата недела во хотелот „Континентал“ се одржа третата стручна работилница на која беа презентирани забелешките на општинските градоначалници, на која дел од нив повторно изнесоа нелогични и себични барања кои се косат со функцијата на овој документ да обезбеди поголема интеграција на градското ткиво. Во ваква ситуација, од претседателот на Асоцијацијата на архитектите на Македонија, Даница Павловска – Циги, побаравме да ги сподели со нас своите гледишта за состојбите околу изготвувањето на ГУП-от.

 

 

 

За телевизијата „Телма“ неодамна изјавивте дека барате стопирање на процедурата за донесување на новиот ГУП на Скопје и како причини ги наведовте сеуште недонесениот Просторен план за скопскиот регион и неспроведениот Попис на населението. Дали има и други причини поради кои сметате дека процедурата за ГУП-от треба да се одложи?

 

Се работи за несоодветен термин „стопирање на процедурата за донесување на ГУП-от на Скопје“ што јас во ниеден момент не го сум го искажала затоа што е крајно неразумно да се прекине така важен планерски процес особено ако процедурата е во поодмината фаза – Нацрт План. Значи, ако се работи за терминолошка грешка тогаш да се појасни дека се работи за одлагање на моментот на усвојувањето на Планот, затоа што навистина постојат причини за пролонгирање на термините. Факторот време е во прашање, на што ние укажувавме многу порано кога се утврдуваа роковите за изработка и завршување на Планот. Мојот исказ е повеќе од апел, да се даде време за да се преиспита веке изготвениот материјал, стручно да се дебатира по оделни аспекти, теми и сегменти. Апсурдна е динамиката на реализацијата и завршување на овој проект.

 

 

Кој е Вашиот генерален став во однос на спроведувањето на процедурата за донесување на новиот ГУП?

 

Предвидената процедура според важечкиот систем на просторно и урбанистичко планирање се следи како законска обврска, но низ несоодветни форми, со нелогично одминување на хиерарски повисокиот стратешки Просторен план на регионот и со необјасниво куси рокови. Слабостите на тој систем не се надминуваат низ негово разумно практикување туку се злоупотребуваат на општа штета. Банална е потребата на утврдување на Планот (каков и да е!) до крај на годината или наведување на причина како што се пролетните локални избори и слични приземни интереси во споредба со важноста на визијата за просторниот развој до 2020 година.

 

 

Дали имате забелешки на конкретни решенија вцртани во нацрт ГУП-от?

 

Да, но не си дозволувам да на овој начин коментирам нешто што бара продлабочена проценка и високостручен обемен коментар. Сметам дека серија на тематски дебати и дискусии само ќе ги појаснат и проблемите и нивните можни разрешувања. На пример, Нацрт Планот нуди нова морфосинтакса на градот што само по себе инсинуира видоизменување на урбаната текстура и со тоа се генерира нова (можеби поквалитетна) реалност на постојната суптилна урбана структура на градот. Исто така, ја препознавам развојната компонента на Планот во можноста на континуиран процес на репланирање, а да не зборуваме за изнесената сугестија на практикување на принципот на перманентно истражување итн. Навистина би имале за многу нешта да разговараме и да се советуваме со најразлични други професионални профили…

 

 

Дали претставници на Асоцијацијата на архитекти се поканети да учествуваат во телата кои го изработуваат и евалуираат ГУП-от?

 

Не, но тоа и не се очекува од ААМ туку од повикани стручни субјекти затоа што изработувањето или евалуирањето на Планот е извонредно одговорна и висококвалификувана работа која ја прават специјализирани овластени тимови. Според законот нашите членови треба да се повикани, можеби и по сопствената совест, да учествуват само во стручната расправа за Планот и за Извештајот од Оценката на влијание на животната средина на самиот План (кои за жал веќе се одржаа во несоодветни термини и со несериозна логистика), а за да дадат свој придонес.

 

 

Дали Асоцијацијата на архитекти како организација има усвоено некакви официјални заклучоци или став во врска со донесувањето на новиот ГУП?

 

Нашата фела се смета за општествено одговорна советодавна структура и како компетентен субјект со своето активно присуство треба да преставува коректив на овој проект – изготвувањето на новиот ГУП-от на Скопје. Со оглед дека тој преставува највисок стратешки документ за развојот на градот, нашиот став е дека организациите на архитектите како што е ААМ или Комората на овластени архитекти и овластени инженери мора да бидат инволвирани во процесот. На неодамнешната меѓународна средба на архитектите на Венецијанското Биенале донесен е Манифест, потпишан и од наша страна, кој е упатен до сите одговорни европски структури. Во него се подвлекува неопходноста од осознавање на круцијалната улога на архитектурата и напреднатиот урбан развој како водичи за различноста и одржливоста во креирањето на заедничката европска иднина. Значи и според европските видувања архитектурата има клучна улога во сите политики кои имат импакт на развојот вклучувајки економска, социјална, кутурна или еколошка условеност.

 

 

Презема ли Асоцијацијата некакви активности за да ги одбрани своите ставови во однос на ГУП-от и дали можеме да очекуваме во недостаток на транспарентност од институциите, ААМ да организира јавна дебата на која детално би се отвориле сите прашања кои не можат да се отворат во моменталната институционална процедура?

 

Тоа не е исклучено, но нашиот моментален капацитет не би можел да ги издржи тежината и многузначноста на евентуалното агресивно наметнување на стручната наспроти политичката воља. Ние само oчекуваме еден интелигентен приод кон нашата понуда односно очекуваме простор за контрибуција ( заедно со останатите компетентни) во создавањето на „smart city – умен град“.

 

 

Дали институциите прават било какви обиди да се подобри транспарентноста на процесот за донесување на новиот ГУП и дали сметате дека кај нив воопшто постои волја за поголема транспарентност на овој процес?

 

Не сум сигурна дека објавувањето на поедини сегменти од Планот на веб страната на Градот Скопје може да се смета за подобрување на транспарентноста. Во поимањето на таа категорија битно се разликуваме! Декларативно постои воља која фактички се сведе на средби со градоначалниците на општините и нивни видувања. На последната таква средба (самоповиканата) ААМ го илустрираше своето (очајничко) барање за преиспитување на Планот со: неможноста за обединување на резултатите од направените анализи и студии, проблематизирање на влезните демографски параметри итн. За жал, ништо повеќе не е организирано и понудено на стручната јавност а тука се мисли и на економистите и на социолозите и на екологистите и на „заштитарите“ и на сообраќајците…