Јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „Паркинзи на Општина Центар“ подолго време водат спор за стопанисување со дел од паркиралиштата кои се наоѓаат на територијата на Општина Центар, а граѓаните се жалат дека веќе не знаат на кое претпријатие да се претплатат за подолготрајно користење на услугата зонско паркирање. Најоштетени од целата рашомонијада во изминативе неколку недели се станарите на зградите и куќите кои се лоцирани во Дебар маало и на улицата Орце Николов, во близина на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. „Општинското претпријатие во август започна да не повикува на средби за решавање на проблемот со недостиг на слободни места. Паралелно со тоа, тие започнаа да ни нудат налепници за годишно користење на нивните услуги и да ги поставуваат информативните табли за наплата на паркирањето. Сепак, „Градски паркинг“ на крајот на август повторно воспостави контрола над оваа јавна површина, а по само неколку дена нештата повторно се променија“, ни изјави еден од станарите кој живее на улицата Орце Николов.
Граѓаните кои користат месечни картички на „Градски паркинг“ и на „Паркинзи на Општина Центар“ се загрижени за состојбата во која се наоѓаат. Дел од нив се прашуваат дали треба да им платат на двете јавни претпријатија за користење на паркинг – просторот пред нивните живеалишта и се жалат дека токму тие ќе го извлечат најдебелиот крај од неколкумесечната расправија. Интернет – порталот „Билд“ им испрати прашалник на двете повикани страни, но засега не добивме никаков одговор од нив.
Во меѓувреме, продолжуваат состаноците што ги организира „Паркинзи на Општина Центар“ за подобро информирање на граѓаните во однос на придобивките од целокупниот проект, започнаа да функционираат дел од паркоматите за подмирување на услугата, а од 1 октомври ќе стартува плаќањето на паркинзите со припејд – картичка, наречена „Ем карта“. Двете претпријатија на своите интернет – страници напоменуваат дека во прв план го поставуваат надминувањето на постојните проблеми со недостиг на паркинг – простор во општината, а не прибирањето на финансиски средства од овој профитабилен бизнис.