Претходна статија
„Гранит“ и „Бетон“ со зголемена добивка во првите шест месеци од годинава
Следна статија
Градежните работи на катната гаража „Судска палата“ влегуваат во финална фаза

За Факултетот за физичка култура ќе се гради нов објект

Објавено на 15.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На локацијата на постоечките дотраени бараки, Факултетот за физичка култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе добие нова зграда во која ќе се изведува наставата за студентите и ќе се сместат професорите и административниот персонал [»мапа]. Министерството за образование и наука склучи договор со скопската фирма „Идеја плус Татјана ДООЕЛ“ за изработка на основен проект со сите фази за изградба на новата зграда на оваа високообразовна институција. „Идеја плус“ е должна да ја заврши потребната техничка документација до 1 октомври 2012 година, по што би требало да следува објавување на оглас за избор на градежна компанија која ќе го гради објектот. Вредноста на склучениот договор изнесува 1.769.174 денари. Засега не се објавени визуелни материјали за изгледот на новата зграда, ниту пак се публикувани авторите кои победиле на конкурсот за избор на архитектонско решение.

 

Во согласност со  предложените измени на ДУП за локалитетот Геолошки завод, објектот на Факултетот за физичка култура ќе се гради на парцела со големина од 18.358 метри квадратни, на која е планирано да се подигне градба со максимална бруто развиена површина од 45.015 метри квадратни. Образовниот објект ќе се состои од приземје и четири ката со вкупна височина од 17 метри. Покрај за високообразовна установа, новопредвидената зграда има компатибилни класи на намена за групно домување, мали комерцијални и деловни намени, деловен простор, култура и за спорт и рекреација до 20% од површината на целиот објект.