Претпријатието „Струмица гас“ деновиве ги започна работите за инсталирање на регулаторна станица, која претставува клучен објект што ќе го декомпресира природниот гас кој од Бугарија со цистерни ќе се транспортира до градот. Објектот ќе се простира на површина од 5.000 метри квадратни на левата страна на излезот од Струмица кон Валандово, се напоменува во соопштението објавено на интернет – порталот на општина Струмица. Капацитетот на постројката ќе изнесува 2.500 метри кубни на час и ќе има задача гасот под притисок од 200 бари да го декомпресира на потребните 4 бари за секундарната гасоводна мрежа. Со зафатот е предвидено и партерно уредување на околината.
Од август ќе започне приклучувањето на домаќинствата на гасоводот, при што целокупниот процес ќе се одвива во етапи, паралелно со изведбата на секундарната гасоводна мрежа, чија должина ќе изнесува 7 километри и ќе се реализира во наредните 12 месеци. Локалната самоуправа во Струмица одвои стимулации во износ 1 милион денари за првите 115 домаќинства, кои по принципот „прв дојден, прв услужен“ ќе добијат попуст од 20 отсто на цената за приклучок или 140 евра. Во првата фаза од остварувањето на овој проект е изградена примарна гасоводна мрежа во должина од 12,15 километри, а целокупната финансиска конструкција која ќе го доведе гасот до струмичките домаќинства, индустриските објекти и јавните установи изнесува 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра, обезбедени од буџетот на општина Струмица.