На вчерашната седница, советниците на Општина Центар ги изгласаа најновите измени во деталниот урбанистички план „Мал Ринг“. За усвојување гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, НСДП и ЛДП, додека пак СДСМ ја напушти седницата во знак на протест. ДУП „Мал Ринг“ се менуваше повеќепати во последниве две години, а од последната интервенција поминаа нецели пет месеци. Покрај неколку помали измени, во усвоениот план се зацртани и две нови „маркички“ на кејот од левата страна на Вардар. Едната предвидува уште еден објект пред Комерцијална Банка на површина од 387 метри квадратни и височина до 29 метри, со намена за државни институции. Другата е на платото пред МОБ со намена за култура. Опфаќа 156 метри квадратни и дозволува височина до 8 метри, а се шпекулира дека таму се планира „колонада“ од столбови. Во јавноста проструија и тврдења дека „маркичката“ за црква на Плоштад Македонија е избришана, но тие се покажаа како неточни. Планот го изработи „ИНПУМА“.
Форумска дискусија на оваа тема –> овде