Советот на Град Скопје во текот на вчерашниот ден ја донесе Одлуката за утврдување на Нацрт на Генерален урбанистички план на главниот град за периодот 2012 – 2022 година. Македонската метропола и во наредната деценија ќе се простира во рамките на сегашните урбанистички граници, а позначајна новина што ја носи новиот ГУП е поделбата на градот на 11 зони и 143 градски четврти, при што за секоја од нив ќе се изготви детален урбанистички план. Во урбанистичкиот план на градот ќе се вметнат општините Сарај и Сопиште, кои претставуваа посебни локални самоуправи согласно со претходниот ГУП од 2002 година.
Според градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, поделбата на градот на градски четврти ќе овозможи полесно планирање на просторот. Главните придобивки од новиот ГУП ќе бидат легализирање на најголем дел од бесправно изградените објекти, иако некои од нив нема да може да го остварат ова право поради тоа што се наоѓаат на локации на кои е предвидено да се градат значајни инфраструктурни проекти. Голем процент од зацртаната сообраќајна мрежа од претходниот план ќе се задржи и во новиот документ, а сегашната граница кон парк – шумата Водно ќе остане непроменета и во наредните 10 години. Градските власти вчера напоменаа дека е променета трасата на Јужната обиколница, која треба да минува низ падините на Водно, но конкретни информации не обелоденија.
Генералниот урбанистички план на Скопје за периодот 2012 – 2022 година е планирано да се донесе до крајот на годината. Во претстојните месеци ќе се одвива јавна расправа за неговата содржина, по што би следувало финалното усвојување на предлогот од страна на градските советници со кој ќе се исцртаат границите на Скопје. Површината што ќе ја опфати планот би изнесувала 7.783,4 хектари со засегната популација од околу 800.000 граѓани.