Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денес при својата посета на Украина го потпиша договорот за набавка на 84 градски автобуси од произведувачот ЛАЗ (Львівський автомобільний завод), за потребите на јавниот превоз во Скопје. ЛАЗ го доби тендерот во декември минатата година и треба да испорача 80 соло и 4 зглобни автобуси со мотор од германскиот производител Deutz според еуро 4 стандарди, автоматски менувач, предна и задна осовина ЗФ, дигитален тахограф за работа и автоматски управувана рампа за инвалидски и детски колички. Возилата ќе бидат во традиционалната црвена боја на ЈСП. Вкупната цена на нарачката е 11 милиони евра.
Производството треба да започне во текот на февруари и најдоцна до 1 јуни треба да стигнат 4-те зглобни и 11 од соло автобусите, а сите 84 да бидат испорачани до крајот на февруари наредната година. Производниот процес повремено ќе го надгледуваат инспекции од ЈСП и од Машинскиот факултет. Договорот предвидува генерална гаранција од пет години и гаранција за шасијата од две години. ЛАЗ во Македонија треба да отвори и центар за сервисирање на автобусите. За време на престојот, украинските домаќини ја искористиле можноста да ја запознаат македонската делегација и со капацитетите на ЛАЗ во производство на тролејбуси.
Форумска дискусија на оваа тема –> овде