Агенцијата за државни патишта потпиша договор со Друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар Партнерс“ од Скопје за изработка на проектна документација за магистралниот патен правец А3 во делот од Охрид до Пештани. „Чакар Партнерс“ треба да изготви основен проект за новата траса која ќе поминува по падините на планината Галичица, над постоечкиот пат од Охрид до Свети Наум, вклучувајќи и проект за врската на А3 со Охрид и врската со Р1301 (Р-501) кај Пештани. Предвидено е патот да почнува од селото Косел и да завршува кај граничниот премин Свети Наум. Македонската влада го има вклучено зафатот во сопствената програма за работа, при што истиот е зацртано да се реализира во периодот од 2013 до 2019 година. Техничката документација ќе се работи во период од 18 месеци и треба да се комплетира до март 2014 година, а за оваа намена се одвоени 79.667.346 денари, односно околу 1,3 милиони евра.
Актуелната состојба на постоечкиот пат од Охрид до Свети Наум е исклучително лоша, особено во сегментот јужно од месноста Свети Стефан. Огромни дупки и изгребан асфалт, уништени и застарени сообраќајни знаци, зарѓани и искорнати одбојни огради на критичните места и намалена ширина на коловозните ленти се дел од опасностите што секојдневно ги демнат возачите на оваа делница. Одредени сегменти од патот не се обновени уште од неговата изградба во далечната 1969 година. Новиот магистрален пат во должина од 39 километри е предвидено да има две коловозни ленти со широчина од по 3,75 метри, а вкупната инвестиција се проценува на над 70 милиони евра.