Советот на Град Скопје на својата 14-та седница донесе неколку важни одлуки. Проширувањето на улицата Првомајска и изградбата и опремувањето на Центар за управување и контрола на сообраќајот ќе се реализираат со средства кои градот ќе ги добие преку задолжување кај Европската банка за обнова и развој во вредност од 5,7 милиони евра. За Првомајска се предвидени 3,1 милиони евра, сума во која влегува и изградба на колектор за атмосферски води до Транспортниот центар. Проширувањето на оваа сообраќајница по која поминуваат повеќе од 40.000 возила дневно е еден од проритетните проекти на градската администрација и се најавува работите да почнат веднаш штом тоа го дозволат временските прилики. Преостанатите 2,6 милиони евра од кредитот ќе бидат искористени за идниот Центар за управување и контрола на сообраќајот. Рокот за отплата е 13 години, со грејс период од 3 години, а Градот на ЕБОР ќе и плати и еднократна провизија во износ до 1,2 процент од вредноста на заемот.
Градот ќе позајми пари и од државата и тоа 2 милиони евра за набавка на возила за одржување на јавна хигиена и 1 милион евра за набавка на садови за отпад. Рокот за отплата на овој заем е 9 години, со грејс период од 3 години. На седницата меѓудругото се даде согласност за инвестиционата програма на ЈП “Водовод и канализација“ за 2010 година, беа одобрени 200 илјади евра за учество на Градот во изградба на пристапен пат до гробишта Камник, а за потребите на изградбата на комплексот „Александрија“ беа одобрени средства во висина од 320 илјади евра за дислоцирање на буичниот канал во Карпош 3. Исто така беше издвоена парична помош за настраданите од катастрофалниот земјотрес на Хаити во износ од 25 илјади евра и парична помош од 5 илјади евра за албанскиот град Скадар кој беше погоден од неодамнешните поплави во таа земја.