Според информациите што денеска ги објави телевизијата „Алфа“, Народната банка на Македонија ќе се пресели во нова административна зграда што ќе се гради на локацијата на која што беше најавувана црквата Св. Константин и Елена на плоштадот Македонија [»мапа]. Објектот е планирано да се гради на парцела со големина од 1.405 метри квадратни, да биде висок 40 метри и да има приземје, десет ката и поткровје, со вкупна површина од 16.860 метри квадратни. Во денешните изданија на весниците е објавен и конкурс за избор на идејно решение за новата зграда. Од раководството на банката како еден од критериумите за избор на најдобриот проект го наведуваат обезбедувањето простор за визура на Портата Македонија и споменикот „Воин на коњ“ од двете страни респективно.
Во објавениот оглас се бара од архитектите да создадат проект чија што форма би била произлезена „од влијанијата на контекстот“, додека зацртаните скали на зданието, покрај функционална важност треба да имаат и украсна функција на објектот и на околината. Победничкото архитектонско решение ќе биде наградено со 800.000 денари, втората награда изнесува 500.000 денари, додека вреднувањето на третиот по квалитет труд што ќе ги задоволи пропозициите изнесува 300.000 денари. Народна банка ќе откупи уште три дополнителни идејни решенија, при што е подготвена за нив да плати износ од 80.000 денари за секој труд поединечно. Крајниот рок за предавање на конкурсните трудови е 01.10.2012.