Градот Скопје ќе ги искористи летните месеци за обнова на коловозот на булеварот Јане Сандански во општина Аеродром. Од буџетот за оваа година се обезбедени финансиски средства за реализација на првата фаза од реконструкцијата на една од главните сообраќајници во градот, и тоа на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со улицата Васко Карангелевски кај „Мајчин Дом“, во должина од околу 900 метри. Градежните работи предвидуваат целосна промена на стариот со нов асфалт на коловозот. Компанијата „Гранит“ од Скопје е избрана да ги изведува работите по спроведениот тендер, на кој учествуваа пет компании и кој се распиша по втор пат, по првичното неуспешно спроведување во текот на април годинава.
Изведбените активности на терен ќе се одвиваат во текот на претстојното лето, планирано е да траат три месеци и да завршат до крајот на август. Од градската каса за овој проект на „Гранит“ ќе му се исплатат 29.224.993 денари или околу 475.000 евра. На целосна реконструкција на булеварот Јане Сандански скопјани ќе почекаат до наредната година, бидејќи финансиски средства за втората фаза од проектот не се предвидени во годинешниот буџет.