Претходна статија
Арт плоштадот е завршен, започнува втората фаза од реконструкцијата на плоштадот Методија Андонов - Ченто
Следна статија
Тетово ќе го решава сообраќајниот метеж со изградба на четири кружни текови

„Мал ринг“ повторно се менува

Објавено на 25.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Продолжуваат честите измени на урбанистичкиот план кој го уредува централното градско јадро на Скопје. Денес беше одржана јавна презентација на најновата верзија на ДУП „Мал ринг“, а заинтересираните граѓани ќе можат да го погледнат и да достават забелешки во просториите на Урбаната заедница Мирче Ацев, до крајот на месецов.

 

Предлог планот предвидува изградба на ново големо споменично обележје на работ на Плоштадот Македонија, помеѓу хотелот „Мериот“ кој моментално се гради, и хотелот кој треба да го гради грчкиот бизнисмен Деметрис Кондоминас. Зданието ќе може да се издигне до висина од 30 метри и неговото вцртување во урбанистичкиот план се поклопува со скорешните најави на премиерот Никола Груевски дека во Скопје ќе никне грандиозен споменик на Мајка Тереза. Во коритото на реката Вардар се предвидени уште два нови сплава, со што нивната вкупна бројка нарасна на шест.

 

Привршува постапното „опколување“ на објектот на Македонската опера и балет. Помеѓу него и улицата Стив Наумов е вцртана нова градежна маркичка на која ќе никне уште една зграда за јавна администрација. Новина е и зголемувањето на градежната маркичка на просторот каде што се наоѓа седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Сега таму ќе може да се изгради многукратно поголем објект, со основа од 1.224 метри квадратни кој ќе има приземје, седум ката и поткровје. Улицата Димитрија Чуповски е предвидено да се спушти под земја, а над нејзе да се оформи пешачка зона. Под Плоштадот Македонија е планиран подземен паркинг простор до кој ќе се пристапува преку улицата Орце Николов.

 

 

» Форумска дискусија за ДУП Мал Ринг