Претходна статија
Филип Втори поставен на плоштадот „Карпошово востание“
Следна статија
Арт плоштадот е завршен, започнува втората фаза од реконструкцијата на плоштадот Методија Андонов - Ченто

За вртелешката од „Скопје 2014“ е распишан тендер по шести пат

Објавено на 23.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По пет пропаднати обиди за реализација на идејата, ЈП „Паркови и зеленило“ денеска распиша нов тендер за испорака и монтажа на карусел кој ќе се монтира на плоштадот „Македонија“. Победничката компанија што ќе го постави реквизитот на централниот скопски плоштад ќе се избира според поволноста на понудата што ќе ја достави од аспект на цената, како и од естетските, техничките и функционалните карактеристики на каруселот. Јавното отворање на понудите ќе се одржи на 2 јули, датум кој е напоменат и како краен рок за доставување на истите. Договорот што ќе се потпише е предвидено да биде со времетраење од 12 месеци, се планира да започне на 20 јули годинава и да заврши на 20 јули 2013 година. Според информациите објавени од досегашните постапки за избор на најповолен понудувач, венецијанската вртелешка со декоративен венец и дрвена ротирачка платформа би чинела околу 150.000 евра или 10 милиони денари.

 

Засега не е дефинитивно утврдено на која локација од скопскиот плоштад ќе се постави каруселот, но дел од медиумите веќе напоменуваат дека реквизитот ќе се монтира во близина на идната катна гаража кај МЕПСО. Според предвидените измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“, просторот околу каруселот ќе изобилува со мноштво на објекти кои во моментов се непознати за скопјани. Спроти гаражата со неокласична архитектура е предвидено да се изгради уште еден пешачки мост со кој ќе се поврзат Стариот театар и Музејот на ВМРО, а најновите измени предвидуваат и дополнителни два сплава, покрај досега објавените четири, што ќе се постават од левата и од десната страна на реката Вардар, веднаш под мостот „Гоце Делчев“. На овој мал дел, во самата река се зацртани и две маркички за споменици, обележја или скулптури за кои сеуште не се изнесени податоци што ќе претставуваат.