Градежната компанија „Бетон“ од Скопје го објави годишниот извештај за работењето, во кој се наведува дека нето добивката во текот на минатата година пораснала за 14%, односно од 30.975.819 денари во рамки на 2010 година се искачила на 35.384.630 денари во текот на 2011 година. Дека претходната година била бериќетна за компанијата покажува и остварениот вкупен приход од 2.584.393.325 денари, кој е поголем за 14% во однос на 2010 година. Позитивниот финансиски биланс најмногу се должи на интензивните работи на проекти во кои инвестираат државата и локалните самоуправи низ земјава.
Дел од објектите на кои работела компанијата во текот на 2011 година се: Националната арена „Филип II Македонски“, Санација на објектот на Собрание на Р.М., новата административна зграда на МНР, административен објект на Јавното обвинителство и управата на Финансова полиција, поставување на споменици и фонтани во Скопје и скопските општини, ХЕ Света Петка, ХС Злетовица, Катна гаража кај Судска палата и неколку други помали проекти, а компанијата работела и на помал број проекти во кои како инвеститор се јавува приватен капитал: Командно управната зграда на аеродромот, винаријата Стоби во Градско и млекарата Радово.
Компанијата „Бетон“ од Скопје очекува во наредните години да оствари уште подобри резултати во своето работење. Договорените активности за 2012 година достигнуваат вредност од 2.877.679.419 денари, додека за 2013 и 2014 година досега се склучени договори во износ од 2.677.372.600 денари. Вкупниот број на вработени во рамки на претходната година изнесувал 1.088 лица. Во годишниот извештај не е наведено дали и колкава работа извршила компанијата на странскиот пазар, што можеби е резултат на нејзиното концентрирање на реализацијата на проекти во Македонија, финансирани воглавно од страна на државниот буџет. Градежната компанија „Бетон“ е основана во 1947 година, а во своето работење досега има изградено 75% од индустриските објекти во Македонија и 2 милиони метри квадратни станбена површина.