Претходна статија
Утре се отвора 16-тото Биенале на македонската архитектура
Следна статија
Продолжува промената на фасадите околу Плоштадот Македонија

Танге повторно во Скопје

Објавено на 02.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Во пресрет на 50 годишнината од скопскиот земјотрес и 100 години од раѓањето на Кензо Танге, неговиот син Пол Норитака Танге претстојува во Скопје, како гостин на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАKС) – Факултет за архитектура и дизајн. Гостувањето на јапонскиот архитект е во склоп на мултимедијалниот настан под наслов „Пол Норитака Танге: Кензо Танге и Скопје“ кој ќе трае до 20 мај и чија цел е претставување на животот и делото на  неговиот татко како еден од најзначајните светски архитекти на 20 век. Манифестацијата започна денес со прес конференција и предавање во хотелот Александар Палас, на кое гостинот говореше за творештвото на Кензо Танге и ги претстави најзначајните дела на студиото „Kenzo Tange Associates“. Потоа му беше врачена почесна докторска титула од страна на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

 

Во своето предавање Пол Норитака Танге нагласи дека Скопје било исклучително важно за неговиот татко бидејќи тоа бил негов прв проект надвор од Јапонија. Во решенијата за Скопје, Кензо Танге применил дел од своите авангардни идеи кои претходно нашле место во плановите кои ги изготвил за Хирошима и Токио. Тој го антиципирал значењето на транспортот во современото општество и ставил силен акцент на поврзувањето на градот со „светот“, како и внатрешната поврзаност на градот. Според зборовите на гостинот, неговиот татко силно верувал во спојот на традицијата и технологијата, истовремено обидувајќи се да ја комбинира индивидуалната архитектурата со поширокиот контекст на градот.

 

#

 

Јапонскиот архитект не се впушти во оценка на сегашните архитектонски и урбанистички трендови во Скопје. Според него, граѓаните се тие кои треба да ги оценат случувањата. Сепак, Танге порача дека сега е добар момент нереализираните замисли од планот од 1965 година да се прилагодат на времето и повторно да се интерпретираат за да се вклопат во денешното општество и денешните потреби на граѓаните. Тој исто така предупреди дека при урбаното планирање мора исклучително да се внимава на зачувување на идентитеот и „чувството“ на градовите. „Скопје може да личи на Рим или Париз, но градот ќе го изгуби својот идентитет“ нагласи Танге.

 

Во склоп на мултимедијалниот настан, вечерва во Музејот на современата уметност беше отворена и изложба на која се изложени 71 пано. Од нив 41 пано се однесуваат на проектите на Кензо Танге и „Kenzo Tange Associates“ низ светот, а на 30 паноа се претставени интересни оригинални цртежи, скици и фотографии од процесот на создавањето на проектот за урбанистичкото решение на постземјотресно Скопје, се до конечната „Варијанта 9“. На отворањето на изложбата, Пол Норитака Танге на градоначалникот на општина Центар му подари литографска копија од една од првите груби скици која неговиот татко ја напрвил при обмислувањето на решенијата за обнова на Скопје.

 

Пол Норитака Танге##

###

###