Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и началникот на штабот на КФОР бригадир – генерал Рекс Спитлер, денеска го потпишаа Меморандумот за разбирање за реализација на проектот за реконструкција на мостови долж Коридорот 10, со кој е предвидено НАТО алијансата да донира 8,6 милиони евра за санирање на 13 мостови на потегот од Катланово до Велес. Точниот обем на работите што ќе следат ќе биде дефиниран со изработка на основниот проект што треба да го подготви Градежниот факултет во наредните три месеци. Министерот Јанакиески најави дека до септември годинава ќе биде распишан јавен повик на кој треба да се пријават потенцијалните изведувачи, а компанијата што ќе ги реконструира мостовите ќе се знае во декември годинава. Според министерот, градежните активности би започнале следната пролет и би завршиле до крајот на 2014 година.
Реконструкцијата на 13-те моста претставува трета фаза од проектот за зајакнување и санација на мостови во државава, кој се изведува со финансии од НАТО. Во претходните две фази со донација од алијансата во вредност од 22,5 милиони евра беа опфатени вкупно 51 мост. Првата фаза се реализираше во 2006 и 2007 година, а со неа беа опфатени мостови на делниците Катланово – Велес и Скопје – Блаце. Со втората фаза од крајот на 2007 и во текот на 2008 беа реконструирани мостови на делницата Демир Капија – Гевгелија. Мостовите што беа опфатени со проектот се со вкупна должина од четири километри.
На резултати од денес потпишаниот документ допрва ќе треба да се чека, но битно е да се напомене дека претходно договорената санација со НАТО сеуште не е завршена. Северноатлантската алијанса пред три години вети дека ќе реконструира 26 километри од автопатот Велес – Петровец и 16 мостови на истата делница во вредност од 14 милиони евра, согласно со претходно потпишаниот меморандум. Градежните работи беше предвидено да завршат на 31 декември 2010 година, но досега истите не се ниту започнати. Во меѓувреме, асфалтот на автопатот од Велес кон Скопје е во исклучително лоша состојба и на него му е потребна итна санација.