Градежната оператива забрзано работи на завршување на фасадата на Стариот театар, која во последниве неколку денови започна да го добива конечниот изглед. Паралелно со фасадата, Министерството за култура склучува нови договори за целосно завршување на објектот, во кој ќе се смести Македонскиот народен театар. Денеска е објавен дополнителен документ со кој на австриската компанија „Штрабаг АГ“ ќе и се исплатат 22.379.587 денари или околу 365.000 евра за изведување на дополнителни и непредвидени занаетчиско ентериерни работи, мебел, опрема, осветлување и орнаментика.
Договорот е склучен во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, а оваа компанија веќе доби 9 милиони евра за барокниот ентериер кој ќе биде составен од позлатени тавани, ѕидови, театарска сала и мебел. За новиот објект специјално ќе се изработат и уметнички слики и осветлување. Иако изведбените работи беше предвидено да се комплетираат до мај 2012 година, австриската компанија со новиот договор добива рок до средината на ноември да ја заврши целокупната внатрешност на културната установа. Од започнувањето на градежните работи поминаа повеќе од 5 години, а досега потрошената сума за изградба на Стариот театар достигнува преку 26 милиони евра.