Македонската транспортна асоцијација, Стопанската комора на Македонија и претставници на „Словенечки железници“ и на „Локо транспорт“ од Чешка на денешната прес – конференција ја критикуваа владината одлука за одложување на либерализацијата на железничкиот сообраќај до влегувањето на земјата во Европската унија и предложија истата да се повлече. Странските компании сметаат дека преку либерализација на железничкиот транспорт ќе се подобри инфраструктурата и ќе се зголеми конкурентноста на македонскиот пазар.
„Во моментов 50% од стоката која што пристигнува на Солунските пристаништа се пренесува преку Македонија. Доколку не се либерализира овој сектор постои опасност овие клиенти да се изгубат и стоката преку Бугарија да се пренесува кон ЕУ“, напоменува Дејан Трпевски, претставник на чешката компанија „Локо транспорт“. Од Словенечки железници напоменуваат дека Коридорот 10 станува неконкурентен, бидејќи земјите што поминуваат покрај Коридорот 4 нудат поевтина цена за превозот на стока.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вчера соопшти дека најпрвин треба да се инвестира во железничката инфраструктура и транспорт, а потоа подготвено да се дочека конкуренцијата во овој сектор. Според министерот, либерализацијата на железничкиот сообраќај би се остварила откако Македонија ќе влезе во ЕУ и притоа ги објасни причините за тешката состојба во која се наоѓаат двете државни претпријатија и мерките кои истите ќе ги преземат за намалување на трошоците , како што се зголемување на цените на билетите за 50%, праќање на дел од вработените од транспорт и инфраструктура на принуден одмор и отпуштање на вработените кои треба да одработат уште 18 месеци до пензија.
Во меѓувреме, дел од медиумите во Словенија се полни со информации за моменталната состојба на државното железничко претпријатие на оваа земја. Словенечки железници ја завршија претходната година со оперативни загуби од 13 до 14 милиони евра, а компанијата треба да отпочне да остварува профит дури во 2013 година. Идентично како и во Македонија, тамошните власти предвидуваат намалување на бројот на вработените и на нивно реструктурирање. Македонски железници – Транспорт и Инфраструктура во моментов се соочуваат со големи проблеми кои треба ги менаџира државата. Инфраструктура има побарувања од државниот транспортен оператор од околу 200 милиони денари, а во 2011 година е забележано намалување на превезените патници и стока.