Во присуство на премиерот, Никола Груевски и градоначалниците на Скопје и на Кисела вода, Коце Трајановски и Марјан Ѓорчев, денеска започна реконструкцијата на две делници од улицата Првомајска во вкупна должина од околу 2,5 километри (на потегот од „Рампа“ до крстосницата со улицата Народни херои во должина од 1.380 метри и од крстосницата со булеварот Србија до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“ во должина од 1.126 метри). Во целокупниот проект ќе се вложат 4 милиони евра, при што 2,9 милиони евра се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој, а останатите средства доаѓаат од буџетот на Град Скопје.
Постојната сообраќајница по проширувањето ќе се трансформира во булевар со четири коловозни ленти (по две во секоја насока) широки по 3,5 метри. Проширувањето ќе се одвива по левата страна (гледано во насока од Центар кон Драчево) до општинските бараки во Кисела Вода, а потоа до Расадникот по двете страни. На потегот од „Рампа“ до општинските бараки, од десната страна на коловозот (гледано од Центар кон Драчево) ќе се формира тротоар широк 2,5 метри, додека од левата страна на коловозот ќе се изгради тротоар со велосипедска патека со ширина од три метри. На потегот од бараките до Расадник, од десната страна на коловозот ќе се формира тротоар со ширина од 2,5 метри, а од левата страна на коловозот тротоарот и велосипедската патека ќе бидат широки четири метри.
На потегот од крстосницата со булеварот Србија до влезот на поранешната фабрика за стакло, Првомајска ќе добие четири коловозни ленти широки по 3,5 метри, пешачка и велосипедска патека на левата страна на коловозот со ширина од четири метри и пешачка патека на десната страна на коловозот широка 2,5 метри. Проектот предвидува изградба на потпорен ѕид од левата страна на коловозот во должина од 170 метри кај поранешната фабрика за сапун, а зцртано е и мостот над Усјански канал да се прошири со четири коловозни ленти, како и со пешачка и велосипедска патека. Долж целата сообраќајница ќе се постави атмосферска канализација со променлив профил од Ф 400 до Ф 800 милиметри. Градежните работи ќе ги извршуваат компаниите „Алпине Бау“ и „Жикол“, а проектот треба да биде заокружен во рок од 9 месеци.
Надградбата на Првомајска во булеварски профил ја започна скопскиот градоначалник Ристо Пенов во 2004 година, кога беше извршено проширување на сообраќајницата на сегментот помеѓу булеварот Србија и улицата Народни Херои. Во годините што следуваа, имаше бројни најави и бројни одложувања на проектите за продолжување со надградбата.