Уште една голема градежна парцела во центарот на Скопје отиде во рацете на турскиот холдинг „Лимак“. На денешната електронска аукција за 9.895 метри квадратни државно земјиште околу старата железничка станица [»мапа], Турците беа единствени заинтересирани и со едно наддавање станаа сопственици на парцелата за 3.100 денари за квадрат, односно вкупно половина милион евра.
Деталниот урбанистички план на ова место предвидува зграда која ќе биде доградба на Музејот на град Скопје, односно старата железничка станица. Предвидената намена на просторот е за културни институции, со максимална бруто површина на објектот од 25.959 метри квадратни, но 49% од неговата квадратура инвеститорот ќе може да ја намени за други содржини и дејности. Најголемата дозволена висина на зградата е 23 метри, односно приземје и пет ката. Рокот за прибавување на дозвола за градење е една година, а рокот за изградба на објектот е 6 години.
Лимак во вторникот за околу 3,3 милиони евра ја купи и соседната парцела со површина од 31.929 метри квадратни и должина од речиси еден километар, која се протега долж зацртаната подземна траса на Јужниот булевар.
» Форумска дискусија за овој проект