Министерството за култура склучи договор со скопската компанија „Бичковски“ за леење во бетон и монтажа на 46 скулптури на фасадата на објектот „Стар театар“ во Скопје. Изведувањето на градежните работи ќе чини 11,7 милиони денари, при што целокупниот зафат е предвидено да се заврши во рок од 6 месеци, поточно до 20 јули 2012 година. За новиот објект на Македонскиот народен театар во 2010 година беше распишан оглас за идејни решенија за 24 скулптури, од кои 16 со големина од 220 сантиметри е предвидено да се постават на фасадата од зданието при што дел од нив ќе се реплицираат за да се добие зацртаната бројка. Преостанатите 8 скулптури со големина од 240 сантиметри ќе се сместат во партерот на оваа културна установа.
Последниот склучен договор на надлежното министерство покажува дека и во текот на оваа пролет нема да биде комплетно завршен првиот отпочнат објект од проектот „Скопје 2014“. На почетокот од декември минатата година, министерката Елизабета Канческа – Милевска изјави дека новата театарска зграда треба да биде готова во втората половина од 2012 година. Во моментов активно се работи на фасадата, како и на покривот, кој сеуште не е довршен по ланскиот пожар што го зафати „Стариот театар“. Објектот започна да се гради на почетокот на 2007 година според идејното решение на архитектот Јован Стефановски – Жан и е составен од две сцени, главната сала со капацитет од 756 седишта и малата театарска сала која ќе има 236 седишта. Од различни причини, пуштањето во употреба на новата зграда на Македонскиот народен театар се одолжува во неколку наврати.