Покрај кејот на реката Вардар, во непосредна близина на спортската сала „Јане Сандански“ [»мапа], денеска започна изградбата на „Парк на езерата“ кој ќе се простира на површина од околу 11.000 метри квадратни. Централна содржина во паркот ќе бидат четири езерца со вкупна површина од 1.800 метри квадратни. Најголемото езерце ќе има две фонтани кои ќе се прелеваат една во друга. Во неговата средина ќе биде поставена метална скулптура во облик на симболот на Општина Аеродром. Во најмалото езерце ќе има поставено украсно соларно дрво со светлечки ефекти, додека останатите две езерца ќе содржат по два водопади, мост и гејзери. Пешачките патеки со површина од 3.795 метри квадратни ќе бидат поплочени со различни типови на гранит, базалтни коцки, кулир и бехатон, а зеленилото ќе се простира на 5.420 метри квадратни. Предвидено е да се распоредат вкупно шеесетина клупи. Паркот ќе има три сопствени бунари, кои ќе се користат за полнење на езерцата и за полевање на зеленилото.
Инвеститор е Општина Аеродром, која за оваа намена издвои еден милион евра. Проектот го изработи „Геоконтрол“ од Струмица, а изведувач на градежните работи е компанијата „Конструктор“. Рокот за изведба е четири месеци. Почетокот на градежните работи го означија премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски
» Форумска дискусија за овој проект