Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои градски буџет за 2012 година, кој ќе изнесува 6.630.415.000 денари и ќе биде за 15,8% поголем од овогодинешниот. Градските власти го проектираа основниот буџет на Град Скопје за 2012 година на 4.058.500.000 денари. Зголемените финансиски средства, кои ќе се слеат во буџетската каса од продажбата на деловен простор од катните гаражи и давањето под концесија на јавен простор, во најголема мера ќе се искористат за подобрување на постоечката патна инфраструктура во метрополата.
За наредната година е предвидено да се отпочне со изградба на подземната сообраќајница во центарот на градот, на потегот од булеварот „Илинден“ до булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ кај комплексот банки. Капитална инвестиција зацртана од градските власти е и проширувањето на булеварот „Првомајска“, кој ќе добие четири ленти на дел од трасата во вкупна должина од 2.383 метри. Наредната година е предвидено завршување на неколку инфраструктурни проекти кои беа почнати во текот на изминативе години. Булеварот „Климент Охридски“ ќе се прошири на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до Владата, а ќе се продолжи надградбата и на булеварите „Илинден“ и „Теодосиј Гологанов“.
Во сегментот на значајни предвидени зафати е вметната реконструкцијата на булеварот „Јане Сандански“ во делот помеѓу Мајчин Дом и булеварот „Србија“, а градските власти планираат пробивање на вториот во општина Кисела Вода од Усје кон населбата Припор и подоцна и поврзување со Сопиште. Во општина Бутел е планирано проширување на булеварот Христијан Тодоровски Карпош и негово спојување со обиколницата, додека во Ѓорче Петров е проектиран нов кружен тек кај црквата „Св. Петар и Павле“. Во рамки на буџетската каса се предвидени финансиски средства за довршување на неколку отпочнати проекти во кои како инвеститор се јавува Град Скопје, а како позначајно е довршувањето на мостот кој општина Сарај ја поврзува со Ѓорче Петров.
Бојан Блажевски