Изградбата на автопатската делница од Смоквица до Демир Капија, започнување на работите на железничкиот Коридор 8, реконструкција на железничката пруга долж Коридорот 10 и гасификацијата се крупните инфраструктурни проекти кои ќе треба да отпочнат во текот на 2012 година. Според најавите на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кон крајот на 2012 година ќе отпочне реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце, а годината по неа ќе започнат градежните работи за железничко поврзување до бугарската граница. Во 2012 година ќе се реконструираат и 24 километри од железничкиот Коридор 10 на потегот од Табановце до Куманово и од Миравци до Смоквица, за што веќе беше објавен и тендер од страна на Европската банка за обнова и развој (EBRD).
Според соопштението на Министерството за транспорт и врски, министерот Јанакиески на деловниот појадок со претставници на стопанските комори и градежните компании за наредната година го најави и започнувањето на проектот за изградба на автопатска делница од Коридорот 10, на потегот од Смоквица до Демир Капија. Тендерската постапка за пријавување на заинтересираните субјекти за изградба на овој проект е речиси при крај и по финалниот рок 6 декември ќе се знае која компанија ќе ја гради оваа автопатска делница.
Бојан Блажевски