Еден месец после почетокот на изградбата, веќе се наѕира новото основно и средно училиште во општина Илинден. Се работи за модуларен објект со површина од 2.300 метри квадратни и капацитет за 300 ученици. Модулите се производство на словенечката фирма „Тримо“ и ги содржат сите потребни елементи, а на градежните работници им останува задачата да ги „отпакуваат“ и да ги монтираат. Со ваквиот начин на работа се постигнува завидна брзина во изградбата. Друга голема предност на ваквите модули е што 99% од материјалите вградени во нив можат да се рециклираат.
Инвестицијата е во висина од 1,5 милиони евра, од кои еден милион се обезбедени од општинскиот Буџет, додека 500 илјади евра се грант од словенечката влада. Изведувач на градежните работи е „Тримо Македонија“, проектирањето го изврши „Тагора“, а за надзорот е задолжен „Веинг“. Предвидено е „склопувањето“ на објектот да трае вкупно четири месеци.