Како што беше најавено минатата година, изградбата на хидроелектраната Бошков мост ќе биде помогната од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). За таа цел денес беше потпишан договор за заем помеѓу АД ЕЛЕМ и ЕБОР, како и договор за гаранција на заемот помеѓу Рапублика Македонија и ЕБОР. Со договорите ЕБОР одобрува кредит во износ од 65 милони евра кој ќе биде достапен во рок од еден месец. Покрај тоа, ЕЛЕМ во изградбата на хидроелектраната ќе вложи и сопствени средства во износ од 42 милиони евра. Заемот на ЕБОР е надополнет со грант од 340 илјади евра за обезбедување техничка и еколошка длабинска анализа. Денеска ЕЛЕМ потпша договор и со консултантот за реализација на проектот, конзорциум составен од две швајцарски компании „Штуги“ и „АФ Консалтинг“. Договорот е склучен за времетраење од 58 месеци, а неговата вредност е 3,4 милиони евра, сопствено учество на ЕЛЕМ.
ХЕ Бошков мост е лоцирана во близината на Дебар. Таа ќе биде типично деривациона постројка каде ќе бидат зафатени водите од Мала Река и нејзините притоки. Предвидена е изградба на насипана брана со висина од 33 метри и акумулација со корисна зафатнина од речиси 900 илјади метри кубни, доводен тунел со дијаметар од три метри и должина 8.742 метри, шест зафати од тиролски тип и доводни канали во вкупна должина од 11.366 метри, кои ќе ја носат водата во главниот доводен тунел и машинската зграда.
Градежните работи треба да започнат во вториот квартал од наредната година, а хидроелектраната се предвидува да профункционира во 2016 година. Нејзината инсталираната моќност ќе изнесува 68,2 мегавати со просечно годишно производство на електрична енергија од 117,54 гигават часови.